Шкендија пресилна во дербито со Вардар, Воска со важен триумф, Брера загуби од Гостивар

фото: ФК Шкендија

Денес беа одиграни сите шест прволигашки натпревари од 21. коло. Шкендија на домашен терен со 3:0 славеше во дербито со Вардар откако Ералд Чинари беше двоен стрелец за 2:0 на полувреме, а во вториот дел Бруно Дита погоди за конечни 3:0. Во првиот дел капитенот на Шкендија, Енур Тотре не реализираше пенал.

На Чаир и во Кратово немаше погодоци, Шкупи и Тиквеш одиграа „нула“, а исто така „нула“ одиграа и Силекс и шампионот Струга Трим Лум.

Гостивар со 2:0 во вториот дел го доби дуелот со Брера од Струмица, откако Алптер Потук во 67. минута погоди за 1:0, а Масааки Такахара во 81. минута постигна гол за 2:0.

Воска Спорт преку пресврт забележа важен триумф во борбата за директен опстанок, откако во дуелот со Македонија ЃП славеше со 1:2, па ова е прв триумф за новиот тренер Срѓан Захариевски.

Самир Фазли во 29. минута постигна гол за 1:0, а во финишот на првиот дел Никола Стијеповиќ погоди за 1:1 на полувреме. Во вториот дел најдобриот стрелец Алекса Марушиќ во 66. минута постигна гол за 2:1.

Како што претходно објави телевизија М Нет, Брегалница загуби на Арената “Тодор Проески” во Скопје од Работнички со 2:0 во рамки на 21. коло од Првата лига.

Во судиското надополнување на првиот дел “романтичарите” на Гоце Седлоски дојдоа до 1:0 со голот на Гандо Биала.

Во вториот дел Рашид погоди за конечни 2:0 во 80. минута.

Штипските “сини” сега се во зоната за директно испаѓање во Втора лига со 20 бодови на своето конто, а во следното коло кое се игра веќе в среда во вонреден термин против Шкупи на Градскиот стадион во Штип.

Лидер останува Шкупи со 43 бодови, на делба на второто место се Струга и Шкендија со по 42 бодови. На делба на 4. место се Силекс и Гостивар, Работнички е на шестото место со 27 бодови, на делба на седмото место се Брера Струмица и Тиквеш со по 26 бодови.

На деветтото место е Воска Спорт со 24 бодови. Во бараж зоната со 21 бод е Вардар, Брегалница е во зоната за директно испаѓање како претпоследна со 20 бодови, а на дното е Македонија ЃП со 18 бодови.

Александар Ванев, М-Нет