Студентите од УКИМ со проекти и визии како да се урбанизира Штип и младите да се задржат дома

Нови визии, простор за младите, нов начин на планирање на просторот за живот, вклучување на природата, студентите од Факултетот за Архитектура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска во Штип ги презентираа своите проекти за уредување на градот. Десети град по ред кој го работат, и многу поразличен од сите останати вели професор Дивна Пенчиќ. Според неа Штип е град со добра основа, одлично испланиран урбанистички, па студентите имале доста тешча задача да планираат нешто поразлично, а сепак привлечно за младите.

„Беше интересно дека се запознавме со град кој е многу различен од другите градови во Македонија, кој е многу испланиран, многу уреден и не беше лесна задачата како сега ние да дадеме нова визија. Од таму пак беше иницијал да планираат град за генерација која сака да живее во Македонија, да остане во нашите градови и Штип го почувствуваа како место за работа за младите кои живеат на многу поразличен начин.“ – вели професор Пенчиќ

Нови можности за младите, искористување на индустрискиот капациете со кој располага Штип, нови смерови на Универзитетот Гоце Делев беа само дел од проектите кои ги презентираа студентите за подобрување на урбанистичкиот план на Штип.

„Нашиот проект се вика „Бета Штип“ и тој има за идеја да ги приспособи барањата на новата генерација која ќе дојде. Тој обединува нови начини на живеење“ – вели Бојана.

За развој на Штип, не се потребни само финансики средства туку желба и мотивација истакна денеска градоначалникот Иван Јорданов. Се надева дека проектите изработени од страна на студентите ќе се применат во иднина за урбанизација на Штип.

“Навистина сме почестени оти сме одбрани како општина, како град да ја погледнеме креативноста на студентите, нивните погледи за развојот на град Штип, на центарот на Истокот. Неколкупати досега сме кажале дека Штип има потенцијал кој не зависи само од финансиските средства туку и од желбата и креативноста и целта која ќе си ја поставиме“ – вели Јорданов.

Студентите за првпат во посета на Штип беа во месец октомври минатата година кога и започнаа со планирање на нивните проекти. Изработени се 50 стратегии, визии од кои произлегоа околу 20 проекти.

Лаура Стојанова М-Нет