Празни куќи, ниви и штали – во карбинско Аргулица останаа само повозрасните граѓани

Од 150 куќи едвај во 30 има народ, пред се повозрасни граѓни, и едвај неколку деца – карбинското село Аргулица полека но сигурно се празни. Неколкумината жители кои ги сретнавме велат овде живеат оти нема каде да заминат, но децидни се дека веќе нема ниту луѓе ниту работа.

„Нема народ, од 150 куќи, дали се живее во 30 куќи. Веќе нема со кој да се излезе да се направи два реда муабет. Останавме само ние инвалиди, јас сум 80 години, има само две деца средношколци кои честопати ги земаме и носеме до и од Карбинци, нели.“ – велат жителите.

Некогаш се чувале над 3000 овци, над 150 крави, вода за земјоделие. Денеска со земјоделство речиси никој не се занимава, а крави има едвај дваесетина. Добар откуп на производите, вода, народ и работа, денеска само неколку возрасни граѓани.

„Обично луѓето овде се занимаваа со земјоделство и сточарство, претходно, ама имаше и вода и откуп, сега нема ништо.“ – додаваат жителите.

Чичко Златко е еден од малкумината кој се уште чува крави. Вели дека иако е пенизонер заедно со неговиот син и ден денеска чуваат осум крави, произвоедуваат млеко колку за една живеачка.

„Нема веќе кој да одгледува крави, продадеа ги, дали има 20-30 крави. Ние имаме осум. Мораме да ги чуваме, синот не е на работа, јас сум пензионер.“ – вели чичко Златко.

Благодарни се што има продавница од каде може да си купат леб, оти сведочат на време кога леб купувале во вреќи од Карбинци и тоа за цела недела.

„Има продавница за лев и бело пециво, благодарни сме леб што има. Иначе во вреќе носевме леб за цела недела.“ – додаваат жителите.

Селото се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Карбинци, а нејзиниот атар се издига на северните гранки на планината Плачквица, Селото е ридско, на надморска височина од 325 метри. Од градот Штип е оддалечено 15 километри.

Лаура Стојанова М-Нет