
Трета година по ред дечињата ќе може да се дружат со Веселото штурче, Фестивал со долга традиција, но кој беше обновен пред три години. Распишан е Конкурсот за учесници на Фестивалот, како и Конкурсот за автори и композитори, кои траат до 1 март. Фестивалот е отворен за дечиња на возраст од 6 до 12 години кои по пријавата за учество, ќе мора да ја поминат аудицијата. И годинава, вели директорот на Фестивалот, Филип Стевановски, ќе се изберат од 20 до најмногу 22 композиции.
„По први март ги објавуваме датумите за аудиција. Децата ќе дојдат, ќе пејат исклучиво песнички од „Весело штурче“ и ќе ги одбереме најдобрите. Вториот конкурс е Конкурс за автори, којшто исто така го објавуваме секоја година. Ги покануваме сите автори на музика и текст и аранжман да се пријават, да ги пријават своите композиции и да бидат дел од овој фестивал. Пријавувањето се врши на нашата веб-страна каде што има пријава за автори во главното мени, ги прикачуваат сите потребни информации и на тој начин пријавата доаѓа до нас“, рече Стевановски.
Минатата година Фестивалот „Весело штурче“ во соработка со Фондацијата за развој на локалната заедница отвори Фонд во кој заминаа дел од финансиските средства од продадените билети, партиципацијата за учество на Фестивалот и продадените производи со Веселото штурче. Со тие средства се набавени инструменти, а обезбедена е и една стипендија за талентирано дете чии родители не можат да ги покријат трошоците за учество на Фестивалот. Фондот на финансиски средства ќе функционира и оваа година на истиот начин.
„Исто како и минатата година година дел од средствата коишто ќе бидат и оваа година од карти и од продажба на производите на „Весело штурче“ ќе бидат наменети за Фонд со којшто ќе се купи нешто што е важно за заедницата. Овие инструменти што ги гледате тука се набавени од тоа што беше собрано минатата година. Оваа година одиме чекор напред, обезбедивме стипендија заедно талентирано дете коешто е во социјален ризик, значи дете коешто не може да ги покрие трошоците за учество на Фестивалот“, посочи Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница.
Годинава Фестивалот „Весело штурче“ одбележува јубилеј од 30 години од првото „Весело штурче“, кое се одржа во 1994 година, а Фестивалот се обнови по долгата пауза од 25 години. По повод јубилејот годинава се подготвени повеќе изненадувања, а традиционално Фестивалот ќе се одржи во втората половина на месец септември.
Ребека Спасова М-Нет