
До 26 јануари е рокот за пријавување на спортисти и спортски екипи за манифестацијата „Спортски асови за 2023 година“ во Виница. Јавниот повик е распишан врз основа на Програмата за култура и спорт на Општина Виница за 2024 година, со што ќе се предложат кандидати за избирање најдобар спортист, спортска екипа, тренер и спортски работник, кои во минатата година постигнале исклучителни резултати и ја претставиле Виница во најдобро светло во областа на спортот. Право на учество имаат сите спортисти, спортски работници и екипи од клубови со дејност спорт кои се регистрирани во општина Виница.
„Манифестацијата ќе се одржи на почетокот на месец февруари. Во меѓувреме е распишан јавен повик на кој можат да се пријавуваат сите заинтересирани и поединци, и спортски екипи, коишто треба да ги приложат наградите коишто ги имаат освоено на домашни и меѓународни натпревари. По пристигнувањето на сите пријави, ќе се формира Комисија којашто ќе ги разгледа и ќе бидат прогласени најдобрите спортисти во повеќе категории: најдобар спортист, најдобра спортска екипа, најдобар тренер и спортски работник за 2023 година“, рече Миле Петков, градоначалник на Општина Виница.
При пријавувањето потребно е да се достават податоци за постигнатите резултати и копии од добиените признанија за освоени места, од турнир, државни и меѓународни натпревари, како и фотокопија од клупската легитимација. Документите се доставуваат до Одделението за општи и јавни дејности преку Едношалтерската канцеларија на Општина Виница.
Манифестацијата „Спортски асови“ е веќе традиционална во Виница, со што на поединци и групи од областа на спортот им се оддава признание за постигнатите резултати на личен план, но и за успехот за клубот и општината.
Ребека Спасова М-Нет