Граѓаните потрошиле неколку илјади денари за промена на чешмите и цевките оштетени од мразот

Неколку илјади денари граѓаните имаат потрошено за промена на чешмите и цевките кои биле оштетени од студеното време. Анкетираните штипјани велат дека повеќепати им се има случено цевките да пукнат и со тоа водоводната мрежа да биде оштетена поради студеното време, а тоа на крај останува на нивен трошок, зашто јавното претпријатие нема надлежност во однос на внатрешни инсталации.

И периодов, кога се соочуваме со исклучително ниски температури, граѓаните се обидуваат на секаков начин да го спречат настанувањето на ваква штета. Некои оставаат чешмата да тече, за водата да се движи и да не замрзне, други, пак, го прават тоа на поскап начин со тоа што вклучуваат топлински уреди кон ѕидовите каде што минуваат цевките за да избегнат замрзнување. Изолација со текстилни материјали е најчестиот начин кој го практикуваат анкетираните штипјани.

И надлежните се согласуваат дека оставањето на чешмата да капе воопшто не е ефикасен метод, туку само ја зголемува потрошувачката, а не ја спречува водата да замрзне. Велат, одговорноста за да се спречи мрзнењето на водата и пукањето цевки и понатаму останува на граѓаните.

Ребека Спасова М-Нет