Кој е рецептот за добра пача, се прави ли овој специјалитет или почесто се купува готов?

Традиционалниот деликатес – пача во Штип или пивтија и слични називи во различни краеви од земјава по обичај се јаде за празникот Богојавление, односно на 19 јануари. Луѓето или не ја сакаат или ја обожаваат, што значи дека ставовите се различни. Во некои места се подготвува и за Нова година или луѓето ја послужуваат како специјалитет за Божиќ. За добра пача или пифтија секој има посебен рецепт, но штипјани се согласуваат дека не може секој да ја направи.

Некој прави, некој не, сепак традицијата сѐ уште се одржува. Во последно време овој специјалитет се наоѓа и готов по продавници, па наместо да прават, луѓето избираат да купат. Анкетираните штипјани се поделени во однос на мислењето дали пача уште се прави или повеќе се купува, но велат дека има и млади кои го подготвуваат овој специјалитет.

Пача или пивтија, всушност, е вид јадење сварено од нозете или од главата на свиња или говедо. Освен кај нас, се прави низ целиот Балкански полуостров и во Турција, Азербејџан, Ерменија, Авганистан, Иран, Ирак и Моноголија, поради што веројатно е со многу древно потекло. Турците за подготвување на овој специјалитет користат јагнешка глава и нозе.

Ребека Спасова М-Нет