И годинава заживеа главната улица во делчевско Ѕвегор, суроваскарите ја продолжија традицијата

На главната селска улица во делчевското село Ѕвегор и годинава ечеа зурлите и тапаните со традиционалниот извик „Сурова“. Манифестацијата која има традиција веќе половина век, „Ѕвегорска сурова“ и оваа година го заживеа селото. Невестата, младоженецот, попот, мечката традиционално беа главните маски меѓу вкупно шеесетина, кои влегуваа во сите куќи од селото и беа дарувани од домаќините. Традицијата налага невестата да не биде откриена до крајот на посетата.

„Се организираме, имаме маски, спозори од цела општина, си подготвуваме вечера. Главни маски ни се невестата, младоженецот, мечка, мечкар, мајмунка, мајмункар, ние белците внимаваме да не ја откријат невестата оти ако се открие, значи не е успешно. Кога одиме долу на крајот на селото и се враќаме кај селската чешма, се открива невестата. Невестата е анонимна, ни 20% од суроваскарите не ја познаваат, а невестата е машко, женско не учествува во Ѕвегорска сурова“, вели организаторот.

За домаќините е чест суроваскарите да ги пречекаат на традиционален начин, како што тоа се правело во годините наназад. Се поминува цело село и не се одминува ниту една куќа, а се даруваат со храна и пијалоци.

„Суроваскарите ги пречекуваме кој со што може, на кого колкава му е можноста. Важно е да има топла ракија, баница традиционална и салати, пифтија“, вели еден од домаќините.

Жителите на делчевски Ѕвегор и посетителите кои годинава се дел од оваа манифестација посочуваат оти ваквата традиција го заживува селото и треба да се одржи и понатаму и се надеваат дека нема да изумре. Сепак, потврдуваат дека, за жал, како и другите традиции, така и оваа го нема истиот сјај како што било некогаш.

Организацијата на настанот е од страна на кумовите со поддршка на спонзори и Општина Делчево. Кога завршува посетата на куќите, на заедничката организирана вечера се дели лепче со паричка. Кај кого ќе се падне паричката, тој е кум за следната година.

Ребека Спасова М-Нет