
Во среда ќе се организира првото ноќно скијање за оваа година на Пониква на Осоговските планини. Новата снежна покривка која се формираше создаде идеални услови, ски патеките 1 и 3 се целосно израмнети и подготвени за ноќно скијање од 17 до 20 часот. За време на викендите започна и асистенцијата од ДПД Кочани кои воспоставуваат ред и овозможуваат непречено одвивање на сообраќајот на Пониква.
Во меѓувреме од АМСМ информираат дека намалена видливост поради појава на магла од 70 до 80 метри има на патниот правец Делчево – Македонска Каменица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Лаура Стојанова М-Нет