ДСЗИ предлага на министерот да формира Комсија со цел утврдување на пропусти за смртта на родилката од Делчево

Државниот санитарен и здравствен инспекторат предлага на Министерот за здравство да формира Комисија за стручен надзор со цел утврдување дали има пропусти во лекувањето и третманот на пациентката кое завршило со смртен исход. Овој предлог следи по извршениот инспекциски надзор и во штипската Клиничка болница и на КАРИЛ во Скопје, каде што почина 26 годишната родилка од Делчево, а која била донесена во лоша здравствена состојба од штипската Клиничка болница. Од увидот е констатирано дека родилката во штипската болница била донесена во 39 недела од бременоста со упат од матичен гинеколог на 22 декември. Во болницата пристигнала четири дена подоцна, на 26 декември и била во добра состојба, но по направениот преглед утврдено е намалување на плодовата течност. Но, при сместување во болничката соба во придружба на болничар колабаирала.
-Од направениот ЦТГ-запис бил констатиран fetal distress поради што итно е одлучено дека е потребно да се изврши породување со царски рез поради што родилката во 10:30 часот е внесена во акушерката операциона сала, интубирана со спроведување на нејзина реанимација и започната секција на абдоменот по слоеви, се вели во соопштението на ДСЗИ.
Во него се наведува дека по извршената операција на абдоменот за породување со царски рез било утврдено присуство на голема количина на крв и коагулуми во стомакот поради што била повикана хирушка екипа при што е одлучено најпрвин да се изврши итен царски рез која е спроведен во 10:45 часот при што е родено живо женско дете со низок Апгар. По породувањето четворица хирурзи продолжиле со хируршката интервенција во стомачната шуплина, кои утврдиле дека крварењето потекнува од крвен сад во близина на слезената.
-При што е направено негово подврзување, потоа е спроведена лаважа на абдоминалната празнина и по 15 мин. откако состојбата се стабилизирала (стабилен крвен притисок) извршено е затварање на абдоменот и воспоставување на дренажа со поставување на два дрена. По краткотрајното стабилизирање на крварењето, истото продолжило од поставената дренажа поради кое пациентката запаѓа во хеморагична шокова состојба, па повторно хируршки е интервенирано со отстранување на слезената, направена е тампонада околу црниот дроб и местото на одстранетата слезена, пишува во соопштението на ДСЗИ.
Поради влошената состојба на родилката колегиум доктори од Штип одлучуваат пациентката со болничко возило да се пренесе на КАРИЛ во Скопје, каде направени и се сите испитувања и терапија. Но и покрај се што е преземено 26 годишната родилката од Делчево починала на 26 декември во 23 часот. Нејзиното новороденче е на механичка вентилација на Детската клиника. Неговата здравствена состојба не е променета.