
Доколку граѓаните патуваат, да ги обезбедат домовите, возачите да внимаваат во сообраќајот, децата и возрасните да не употребуваат пиротехнички средства, СВР Штип со апел по повод новогодишната ноќ и новогодишните и божиќни празници. Оттаму посочуваат дека крадците најлесно оперираат во вакви моменти и затоа е неопходно да се преземат потребните мерки за заштита на имотот од кражби.
„Да ги заклучат влезните врати, вратите од терасите, балконите, гаражите и подрумите. Не постирајте и не споделувајте фотографии и информации за патувањето на социјалните мрежи, бидејќи крадците ги следат и лесно може да видат кога ќе бидете далеку од домот и на тој начин бргу стапуваат на сцена за да дојдат до посакуваниот плен“, рече портпаролката на СВР Штип, Гордана Панајотова.
Со однесувањето да не се нарушува јавниот ред и мир, што подразбира да се воздржат од прекумерната консумација на алкохол. Продолжуваат и засилените акциски контроли спроведени од страна на полициските службеници со цел побезбедни патишта.
„На сите учесници во патниот сообраќај им порачуваме да бидат внимателни и дисциплинирани и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Задолжително да поседуваат зимска опрема и особено да не седнуваат зад волан под дејство на алкохол, а брзината на движење да ја прилагодат и приспособат според условите и состојбата на патот со цел нивна безбедност и безбедност на останатите учесници во сообраќајот“, додава Панајотова.
Во однос на употребата на петарди и други пиротехнички средства, полициски службеници од Отсекот за превенција и Одделенијата при Секторот за внатрешни работи – Штип во содејство со Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија спроведоа 56 едукативно-превентивни предавања во средните и основните училишта. На учениците им се објаснија последиците и опасностите како и законските санкции последици од овие опасни играчки.
„Апелираме до граѓаните да не употребуваат петарди и други пиротехнички средства. Апелираме особено до родителите да внимаваат нивните деца да се воздржат од каква било употреба на петарди и други пиротехнички средства, затоа што тие може да предизвикаат тешки и трајни последици по здравјето и животот“, рече Панајотова.
СВР Штип има свои дежурни екипи за време на новогодишните празници, па доколку граѓаните имаат потреба, треба да пријават безбедносен настан тоа да го сторат на бесплатните телефонски броеви 112 и 192.
Ребека Спасова