
Регулаторна ги доби барањата на компаниите и ако ги прифати, цената на струјата ќе порасне за дури 27%. Претседателот Бислимоски посочи дека следува процес во којшто детално ќе се скенираат трошоците на компаниите и уверува дека ќе бидат прифатени и одобрени само оние ставки со кои ќе се овозможи стабилна и сигурна испорака на електрична енергија. Од тоа ќе зависи и дали воопшто ќе им биде одобрено поскапување и колкаво тоа би било.
„Согласно со измените на Законот за енергетика, универзалниот снабдувач ќе направи пресметки, ќе ги достави на контрола во РКЕ. Во таа контрола имаме право да донесеме Одлука со точно утврдени забелешки коишто ќе ги имаме во однос на тоа што ќе ни биде доставено и таа Одлука ќе ни биде обврзувачка за универзалниот снабдувач. Значи, во целиот овој процес, како и секогаш, ќе бидеме максимално транспарентни“, вели Бислимоски.
Новата потставка „пристап до мрежа“, вели Бислимоски, во никој случај не значи, како што рече, екстра давачка и екстра пари. Тоа ќе биде во рамки на одобрениот приход на компанијата којашто врши дејност за дистрибуција на електрична енергија, а ќе се намали ставката мрежарина. Професорот од ФЕИТ, Рубин Талески, посочи дека со оваа реформа ќе се заокружи процесот на фер сметки и ќе се обезбеди правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или, пак, поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици.
„Воведувањето на „пристап до мрежа“ ќе значи намалување на цената за мрежарината, така што нема никој да заработи повеќе пари од она што го определила Регулаторната комисија за енергетика. Колку ќе биде тој надоместок, правиме анализи и ќе ве информираме, но потенцирам дека тој надоместок значи намалување на цената за мрежарина, односно за дистрибуција на електрична енергија. Нема ниту еден денар повеќе од одобрениот приход којшто го прави РКЕ да се даде на некоја компанија“, додаде Бислимоски.
Во однос на евтината тарифа која се воведе од 1 декември, Бислимоски посочи дека според информациите што ги има, кај првата отчитувачка група веќе се сменети 80 проценти од броилата, а од 15 декември треба да почне менувањето на броилата во втората отчитувачка група.
Ребека Спасова М-Нет