
Ресурсна соба за децата со потешкотии во развојот доби ООУ „Никола Карев“ во Кочани. Просотријата која некогаш се користеше како остава, и беше во лоша состојба, денеска доби соодветно реновирање и се користи од страна на учениците кои имаат потешкотии со совладување на наставата. Директорот, Александар Андов потенцираше дека ова е од големо значење за самото училиште бидејќи со помош на оваа соба се придонесува за подобро функционирање на дечињата со потешкотии во развој во, но и надвор од училниците.
„Просторијата беше користена како остава и таму се чуваа работи кои не беа потребни, а веќе денеска ќе се користи како соба за учениците кои имаат потешкотии во образованието и нивниот развој. Ќе биде наменета за сите оние ученици кои со малку потешкотии ја совладуваат наставата и воспитно образовниот процес.“ – вели Андов.
Собата е опремена со различни реквизити, моторни, сензорни, дидактички и асистивни реквизити кои нудат стимулација на сите сетила и со нивно користење се подобрува сензорната дисфункција кај децата. Андов посочи дека има лиценциран дефектолог во самото училиште кој ќе работи со дечињата и на тој начин ќе се придонесе за зголемување на инклузијата во општеството.
„Па сега за сега има пет ученика кои ќе следат една ваква програма, дефектологот кој работи во училиштето е лиценциран за работа со тие реквизити и затоа ќе бидат од голема корист пред се за учениците да може да ја совладаат наставата“ – додава Андов.
Средствата за опремување на оваа просторија се од проект од кој училиштето добило 120 илјади денари, а дополнително на настан во спортската сала и родителите имаа можност да донираат средства.
Лаура Стојанова М-Нет