
Со над 78 милиони денари Министерството за култура инвестира и дава поддршка во трите национални установи во Штип, посочи денеска министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска која беше во работна посета. За програмските содржини во штипскиот Центар за култура, Завод и музеј како и универзитетската библиотека се вложени повеќе од осум милиони денари. За штипската библиотека се издвоени над 18 милиони денари, од кои еден милион денари за програмски активности.
„Штипската библиотека е предводник на приближувањето на книгата до домот на секој корисник преку подвижната библиотека „Инфо бус“ и преку активностите наменети за лицата со посебни потреби. Библиотечната дејност успешно успешно се унапредува преку бројни проекти меѓу кои и настааните со кои се одбележува 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.“ – вели Костадиновска-Стојчевска.
Над шест милиони денари се вложени и во штипскиот Центар за култура. Реконструкција, обновување на санитариите, бојадисување на дел од внатрешноста и набавка на тонска и компјутерска опрема се дел од активностите кои ги презема министерството за помош на оваа установа.
„Центарот за култура преку проектот Енергетски хаб покажа дека е вистински пример за успешно јавно приватно партнерство. Резултатите се помали сметки за струја“ – вели Костадиновска-Стојчевска.
Се вложува и во заштита на културното наследство, а грижа се води за антифашистичкото културно наследство, посочи Костадиновска-Стојчевска. Од овде е и поддршката на Националната установа Завод и музеј Штип.
„Ветивме и го саниравме меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата во Штип, исклучително значајно дело на архитектор Богдан Богдановиќ. “ – додава Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека сите проекти кои се предвидени во трите национални установи во Штип се реалзираат тековно, а од огромно значење е реалзирањето на проекти и од сопствени средства.
Лаура Стојанова М-Нет