
Граѓаните, пред сѐ младите, се екипираат за пружење некоја услуга без надоместок и на тој начин стекнуваат волонтерски вештини. Токму вака може да се опише волонтерството на кое му се посветува особено внимание на 5 декември – Меѓународен ден на волонтерите и волонтерската работа. Но колку кај нас има услови и желба за такво нешто? Драгана Митровиќ од Ресурсниот центар смета дека многу малку се спроведуваат законските обврски и младите колку и да сакаат да волонтираат, нема каде, а сами ретко се организираат.
„Не можам да забележам некоја значајна промена, односно некој значаен пораст. Иако, на пример, младите и граѓаните имаат, можеби, желба и мотив да помогнат, да придонесат во некоја акција, во јавна корист, за општествено добро, сепак ми се чини дека слабо сме организирани, односно од страна на организаторите на волонтерска работа имаме многу малку процедури, многу малку спроведување на она што се законски обврски, не само од граѓанскиот сектор, туку од сите оние коишто може да се јават како организатори на волонтерска работа, односно покрај здруженијата и фондациите, религиозни и верски организации, државните органи, локалните самоуправи“ , вели Драгана Митровиќ.
И бизнис секторот малку ги вреднува ваквите волонтерски активности. Митровиќ посочува дека при апликациите за работа тие се речиси неважни за работодавачите. За разлика од кај нас, во странство ситуацијата е многу поинаква.
„Заклучокот е дека не се цени волонтерската работа кај нас. Во странство има заминато еден куп млади кои имаат забележано дека таму, навистина, и на интервјуата особено внимание посветуваат на нивната волонтерска работа којашто ја имаат во „сиви-то“, ги прашуваат што работеле, како работеле, што научиле, кои им се искуствата. Дефинитивно, волонтерството е нешто што придонесува за градење на капацитетите на личноста којашто волонтира“, заклучува Митровиќ.
Волонтирањето нуди пред сѐ придобивка за оние кои се реципиенти или приматели на таа услуга која се нуди. Од друга страна, придонесува и за јакнење на капацитетите на волонтерот, односно придонесува и за развој на личноста. Тоа не треба да биде примарен мотив зошто некој волонтира, вели Митровиќ, но сепак е важно да се напомене.
„Факт е дека волонтирањето не е без придобивки. Пример, учиме многу, запознаваме многу луѓе, социјализацијата се менува, можностите се отвораат за волонтерите. Е, сега, не знам колку волонтерите се свесни за тоа, затоа што нам ни фалат и кампањи за подигање на свеста во однос на придобивките од волонтирањето, иако самите придобивки не би требало да бидат примарниот мотив зошто некој волонтрира“, додава Митровиќ.
Митровиќ смета дека за зголемувањето на можностите за волонтирање може да се направи со соодветно и долгорочно планирање на волонтерскиот капитал од страна на организациите и институциите. Меѓународниот ден на волонтерите се одбележува во целиот свет и со тоа се оддава признание на солидарноста на волонтерите кои одговараат на повиците во кризни ситуации, секојдневно помагаат во спасување животи и даваат поддршка на ранливите категории.
Ребека Спасова М-Нет