
Околу 9:30 утринава, по третиот училишен час, непознати лица се обиделе да киднапираат два ученика од шесто и деветто одделение од Основното училиште „Страшо Пинџур“ во Карбинци, изјави градоначалникот на Општината. Целиот немил настан траел неколку секунди, по што децата успеале да се спасат и благодарение на брзата реакција на персоналот. Засега се во добра психичка состојба, а нивните родители се информирани за настанот, вели градоначалникот, Виктор Паунов.
„Имало таков обид, се обиделе грабнувачите да ги воведат во возилото коешто влегло до почетокот на училишниот двор. Безбедносните камери го имаат фатено возилото, се работи на расчистување, односно утврдување на регистарските ознаки. Иако било подалеку од доменот на камерите, сепак го има на камерите“, вели Паунов.
Паунов не сакаше предвреме да донесува заклучоци за мотивот на киднаперите, ниту, пак, ги коментираше шпекулациите. Посочи дека истрагата е во тек, но апелираше дека ваквите настани мора да бидат мотив плус за зголемување на безбедноста, особено пред училиштата, за да не се случи нешто полошо.
„Сакам да упатам апел да нема преголема вознемиреност од страна на родителите и на сите оние коишто се движат во овој дел. Сакам да упатам апел и до МВР, до СВР Штип, да биде зголемена безбедноста на овој дел од општината, барем кај училиштата, затоа што во последните неколку години воопшто нема полициско обезбедување, ниту контрола за она што се случува токму во општина Карбинци“, додава Паунов.
Пријава има и во СВР Штип, од каде велат дека сѐ уште се работи на расчистување на случајот. Сепак, објавите од портали, локални телевизиски станици и социјалните мрежи за наводен спречен бид за грабнување на малолетно лице во училишен двор во општина Карбинци, најостро ги демантираат. Од МВР потенцираат дека официјалната пријава е следна:
„Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот.“
Од МВР велат дека пласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Апелираат до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации, а им благодарат на медиумите кои ги проверуваат информациите во надлежните институции.
Ребека Спасова М-Нет