Стипендија предвидува Општина Штип за децата со пречки во развојот кои ќе бидат првачиња

Децата со пречки во развојот, а кои идната година ќе бидат првачиња имаат можност да добијат стипендија. Општина Штип денеска го објави јавниот повик на кој треба да аплицираат нивните родители, а кој подразбира стипендија во износ од 2.000 денари за девет месеца.

„Ги повикуваме сите родители коишто имаат дечиња со пречки во развојот, а наредната учебна година треба да бидат првоодделенци, да поднесат апликации и да бидат корисници на стипендијата. Инаку, износот на стипендијата е 2.000 денари месечно и истата ќе биде давана од септември до мај, износот на парите ќе биде исплаќан квартално, на секои три месеца, со тоа што родителите ќе имаат обврска да поднесат краток извештај за тоа дека децата се редовни ученици во образованието“, вели Санева.

Целта на стипендирањето е децата со пречки во развојот да бидат опфатени во редовната настава, а на родителите да им се помогне во покривањето на дел од трошоците. Дали средствата ќе се наменат за превоз, терапии, како што се логопедска или дефектолошка, набавка на помагала или, пак, ќе имаат друга намена за тоа ќе може да одлучат родителите.

„Се однесуваат, како што кажавме веќе, на деца со пречки во развојот, тие може да бидат физички и психички пречки, значи деца коишто имаат проблеми со видот, може да бидат слабовидни и слепи лица, потоа пречки со слухот, глуви и наглуви лица, деца коишто имаат проблеми со говорот, потоа дечиња коишто имаат физички пречки во развојот, интелектуална попреченост, може да биде лесна, умерена, тешка и длабока попреченост, потоа деца со хронични болести, како и деца со комбинирани пречки во развојот“, додава Санева.

Апликантите на овој јавен повик не треба да бидат корисници на друга стипендија од друга институција или од приватен сектор, но со добивањето на стипендијата нема да го изгубат правото на добивање гарантирана минимална помош.

Ребека Спасова М-Нет