
Гледачите на телевизија М Нет ќе имаат нова можност да уживаат во второлигашки пренос од натпреварот меѓу ланскиот прволигаш Скопје и Осогово од Кочани, натпревар кој требаше да се одигра во сабота, но беше одложен поради немањето на услови за игра поради лошите временски прилики.
Натпреварот беше одложен за утре, а трите бодови ќе бидат предизвик и за двете екипи во борбата за што подобар пласман на второлигашката табела. Скопје лани испадна од Прва лига и никако да заигра според очекуваното во Втората лига. „Пиратите“ по 12 одиграни натпревари се наоѓаат во долниот дел од табелата односно на 13. место со 12 бодови, а пак „жетварите“ од Кочани кои се повратници во Втората лига, се наоѓаат место подолу односно во бараж зоната на 14. место со 11 бодови на своето конто.
Токму ваквата ситуација на табелата го прави утрешниот натпревар да биде вистинско дерби од долниот дел на табелата во битката за прогрес на табелата и обезбедување на сигурен опстанок.
Натпреварот ќе се одигра на „Железарница“ во Автокоманда, а главен судија ќе биде Дени Лековски од Битола, негови помошници ќе бидат Марио Мојсоски и Јован Анѓелкоски од Струга, додека пак за четврт судија е делегиран Владимир Ѓорѓиевски од Битола.
Преносот на телевизија М Нет е закажан за во 13 часот.