
Околу 160.000 денари од четири месеца од хуманираното паркирање во Штип ќе заминат на контото на Солидарниот фонд. Просечната сума на собрани финансиски средства за месец е 200.000 денари, покажуваат статистиките на ЈП „Стипион“. Преку Солидарниот фонд средствата ќе се користат за помош на наши сограѓани, ранливи категории, како и за итни случаи на кои им е потребна итна финансиска помош.
„Со оглед на тоа што започнавме во летната сезона, кога наплатата на паркинг е на најниско ниво, имавме голем период на толеранција на граѓаните да се привикнат на промените. Сепак, во овој период од четири месеца, остваривме вкупен приход од 800.000 денари од кои 20% одат на сметка на Солидарниот фонд. Солидарниот фонд има Управен одбор и свои независни тела кои понатаму ќе одлучат кому да му се помогне со овие средства“, вели Панче Стефановски, директор на ЈП „Стипион“ – Штип.
Хуманитарната зона на паркирање почна да функционира во месец јули. Вакви паркинг-позиции има пред општинската зграда, покрај Плоштадот „Слобода“, три пред наспроти Стоковната куќа „Нама“, како и на платформите за паркирање на река Отиња. Секоја локација од зоната е соодветно означена со информативни табли, а дел од местата се и креативно обележани.
„Можам да кажам дека сум задоволен од постигнатиот почетен ефект, видливо е во градот дека има повеќе достапни паркинг-места за потребите на граѓаните, тоа беше и едната причина за воведување на хуманитарната зона. Другата причина е хуманиот аспект, за да придонесеме и во овој поглед“, додава Стефановски.
Цената за паркирање на овие позиции e 30 денари за првиот и за секој следен час, а месечните и годишните билети за паркирање не важат на овие позиции. Штип е град кој располага со 800 паркинг места, а паркирањето на позициите кои не се дел од хуманитарната паркинг-зона чини 20 денари за првиот и 15 денари за секој следен час.
Ребека Спасова М-Нет