Повисока свеста за селектирање отпад во Истокот, вендинг-машините во Берово даваат резултат

Општините од Истокот градат навики кај жителите за селекција на отпад. Беровскиот инспектор за животна средина, Катерина Скендерски, вели дека кај нив е позитивно што сѐ повеќе се селектира, иако селекцијата на е на задоволително ниво. Ситуацијата неодамна беше ваква и во општина Штип. За да ја промени, Општинскиот комунален инспекторат вршеше и низа едукации за селекција на отпадот.

„Можам да кажам дека на почетокот имавме многу слаб одзив, меѓутоа како поминуваат, слободно можам да кажам, денови, сѐ повеќе и повеќе се гледаат промени. Се собира повеќе пластична амбалажа, повеќе се внимава да се селектира пластиката од комуналниот отпад, меѓутоа тоа не е генералната слика, поединци има, како и секаде, сѐ уште фрлаат во река, покрај патишта и слично, меѓутоа имаме промена. Не е со динамика каква што очекуваме и каква што би сакале, меѓутоа има промена“, Катерина Скендерски, инспектор за животна средина во Берово.

Во оваа насока е и поставувањето повратни вендинг машини за селективно одложување на отпадот. Општина Берово има две нови такви во склоп на два маркета, уште две машини од претходно има и во склоп на основното училиште. Скендерски вели дека ваквиот начин на селекција сѐ повеќе е актуелен меѓу жителите на Берово. Општината е оценета како општина со високо ниво на еколошка свест, а за таква се смета и Штип, поради што до крајот на годината вендинг машини ќе се постават и таму.

„На почетокот кога беа поставени можам да кажам дека беа со доза на скептицизам прифатени, меѓутоа со тек на време, особено младите генерации, што е на наше огромно задоволство, пројавуваат сѐ поголем интерес, се носи и пластика, се носат и лименки. Со оглед на тоа дека ги празниме многу често, можам да кажам дека населението сѐ повеќе отпадот ќе го носи таму. Како добра пракса би ја препорачала на сите оние општини коишто имаат проблем со таков тип на отпад“, додава Скендерски.

Современиот начин на селектирање и управување со отпадот гарантира дека отпадниот материјал ќе заврши на рециклирање, каде што и му е местото, а притоа обезбедува и големи придобивки за граѓаните кои редовно селектираат преку него. Вендинг машините фукционираат на тој начин што може да се добијат зелени поени, а тие поени на жителите им носат разни придобивки во замена за нивното селектирање. На пример, за зелени поени во зависност од количината селектиран отпад се добиваат ваучери за пазарување во одредени маркети, ваучери за такси компании, јавен превоз и други општински бенефити.

Ребека Спасова М-Нет