Тензично на седницата на пробиштипскиот Совет, партиски препирки на советничката говорница

Тензично започна, а тензично и продолжи денешната седница на Советот на Општина Пробиштип. Ако претходната седница советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија, на оваа седница се водеа препирки на говорница. Уште на самиот почеток советничката Драгана Рајиќ истакна дека ќе настапи како независен советник, а не како советник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Претседателот на Советот обвини дека говорницата се злоупотребува за партиски препирки.

Говорницата на Советот да не се злоупотребува во партиски цели, апелираше и градоначалникот Драган Анастасов. Тој посочи дека Советот донел многу важни одлуки во изминатиов период, но ваквите обиди за кочења биле во насока да се претстави неспособност на локалната власт.

„Ако е она што најмногу ве боли е тоа што Општината ќе има приходи, ќе реализира програми, ќе помага на граѓаните и не ви успеа планот да го кочите градоначалникот и Општината, јас ќе ви кажам многу јасно. Во изминативе седници сме имале многу важни одлуки и благодарам на оние кои гласаа за тие важни одлуки. Сакате нешто да продадете на јавноста, јас за седум години мандат сум слушнал многу работи за мене, ама тоа брзо паднало во вода“, рече Анастасов.

Пред две седници многу од точките не беа донесени со мнозинство гласови, а потоа тие повторно во истата форма беа предлагани на други седници. На претходната седница сите точки беа изгласани, но без присуство на опозициските советници.

Ребека Спасова М-Нет