Судското одделение во Пробиштип со реконструирани простории за подобар пристап до правда

Во Судското одделение во Пробиштип отсега ќе може да се работи во многу посоодветни услови. Реконструирани се просторите со кои Одделението ќе функционира во полн капацитет, штипскиот Основен суд овде ќе може да одржува и судски денови, а ќе се олесни пристапот до сервисот кој го нуди Одделението на странките, пред сѐ во однос на одржувањето рочишта. Претседателот на Основниот суд во Штип, Ѓорѓи Андонов, вели дека ова било на барање и на адвокатската фела, и на граѓаните.

„Имаме чест денес свечено да ги пуштиме во функција реконструираните простории на Одделението на Основен суд – Штип во Пробиштип. Имено, со помош на средствата обезбедени преку Судскиот-буџетски совет се реконструираа и обновија дотраените простории, кои, за жал, можеби, повеќе од неколку децении стоеја нереконструирани, сега со ова се овозможува граѓаните на општина Пробиштип да имаат многу поефикасен пристап до правдата“, вели Андонов.

Реконструкцијата е извршена со буџетски средства од Републичкиот судски совет во висина од околу 1 милион денари. Претседателот, Сашко Георгиев, вели дека ова треба да биде предизвик и за претседателите на останатите основни судови да изработуваат проекти во делот на капитални инвестиции, а кои ќе бидат поддржани од Судскиот совет.

„Сметам дека во вака видно реновирани услови ќе биде овозможена можноста почесто да се одржуваат судења. Од друга страна, пристојно да биде сето тоа, како за странките, така и за адвокатите, секако, обвинителство, а како простории на Основен суд – Штип да може овде да се одржуваат сите судења и процеси. Познато е на јавноста дека тука има вработен и во секој момент може да се добиваат документи, потврди од казнена евиденција и слични документи од Основен суд – Штип“, вели претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.

Во пробиштипското Одделение неодамна е обновен и информатичкиот АКМИС-систем, како и компјутерската технологија. Георгиев потенцираше дека во Одделението во Пробиштип се овозможени подобри услови и покрај моменталната состојба и тешката финансиска криза.

Ребека Спасова М-Нет