Од утре за возачите важи задолжителната обврска за поседување зимска опрема

Почнувајќи од утре, па до 15 март, возилата кои учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема. Зимската опрема, пред сѐ подразбира зимски пневматици кои се оние пневматици што на бочната страна имаат ознака „МS“, „М+S“ или „М&S“, како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Согласно со одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, возила кои не надминуваат 3.500 килограми треба да поседуваат зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег, и тоа во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина, информираат од МВР.

„За моторни возила со погон на четири тркала (4×4):

-зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;

-пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

За моторни возила кои надминува 3.500 кг:

-зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм. – пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;

-автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.“ – образложуваат од Министерството.

Согласно одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци. Од МВР апелираат до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, бидејќи така се овозможува непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.

Ребека Спасова М-Нет