Трае изборот на судии во штипска Апелација, но проблемот со недостиг и понатаму е актуелен

Трае постапката за избор на судии за штипска Апелација по основ на веќезавршениот Оглас. Овде проблемот со недостаток на кадар е значително изразен и тоа го потенцираше претседателот на Републичкиот судски совет, Сашко Георгиев, при денешната посета на пробиштипското Судско одделение. Огласот за штипска Апелација вклучуваше двајца граѓански судии и еден кривичар, а Оглас за уште еден граѓански судија имаше и во јули, меѓутоа оваа бројка ќе биде само утешна, вели Георгиев, а прашањето повторно ќе мора да се отвори.

„Имаме реални големи проблеми, генерално, во целата држава, во сите судови. Некаде е тоа поизразено, како што е примерот со Апелациониот суд во Штип. Очекувам дека во најскоро време ќе се пристапи кон избор на судии, веќе е завршен Огласот и во процедура е постапката за избор. Сепак, во дадената ситуација, тоа ќе биде мало, утешно пополнување на кадар во Апелациониот суд во Штип. Во иднина би требало тоа прашање да се отвори повторно и со нови огласи за избор на поголем дел на судии, како би се екипирал Апелациониот суд во Штип“, вели Георгиев.

Проблемот е актуелен и во основните судови, но овде треба да се реши со продуцирање нови кадри преку Академијата за судии и јавни обвинители. Веќе е познато дека штипскиот Основен суд работи со половина капацитет, во Берово се делегираат судии од Кочани, а во пензија замина и единствениот судија во делчевскиот Суд. Таму Судскиот совет ќе мора да делегира судија од друг суд, најверојатно од Кочани, како што е случајот и со Берово.

„Реалниот проблем се особено одразува во недостатокот на судови и во основните судови, за каде што очекувам дека во наредниот период ќе произведеме таков кадар преку Академијата и ќе биде овој кадар избран за основните судови“, додава Георгиев.

Судскиот совет неодамна избра и нов претседател на штипска Апелација, а од 21 ноември се променува и претседателот на Основниот суд. Претседатели треба да се назначат и во Берово и Делчево, но овде прво мора да се делегираат судии.

Ребека Спасова М-Нет