Поголем дел од руралните средини во штипско и кочанско се оставени без продавници

Во Бање и Теранци нема ниту една продавница, во дел од останатите кочански села едвај по една маалска продавница. Ситуацијата во руралните средини се поалармантна велат жителите.

Ем останува само повозрасно население, ем по леб и основни прехрамбени производи треба да одат до градот или најблиското околно село. Жителите во село Облешево велат дека продавница им е потребна, ама сега единствената маалска продавница која ја имаа е затворена. Во село Чешиново продавница има, па велат од големо значење е што не мора да минуваат километри за да купат леб и сок.

„Тоа е секаде така, бизнисмените живат, сиромашните умираат. Бање е без продавница, кај нас оваа продавница се „вртеше“ама те затворија ја.“ – велат жители во село Облешево.

Идентична е ситуацијата и во штипскиот регион. Катанци на врататите стојат на речиси сите некогашни продавници кои работеле во штипско.

Граѓани децидни дека продавница е потребно да имаат. Леб купуваат секој вторник и сабота од приватни фирми и како што велат купуваат двапати за цела недела.

Високи сметки за струја и кирија, но и се помалку купувачи се дел од причините поради кои руралните средини остануваат без маалски продавници.

Лаура Стојанова М-Нет