Голема победа за Напредок во дуелот со Камјани

Вчера со еден натпревар беше отворено 8. коло од Трета лига – Запад, а истото ќе биде комплетирано денес со три натпревари.

Некогашниот прволигаш Напредок на Градскиот стадион во Кичево со 3:2 ја доби екипата на Камјани и со тоа ја забележа втората сезонска победа и сега е претпоследен на табелата со 6 бодови.

Симјаноски во 26. минута постигна гол за водство на домашниот тим, а во 37 минута Бафтиари заработи директен црвен картон со што гостинот на терен беше со играч помалку.

Ваквиот момент го искористи Напредок и преку Аврамовиќ во 39. минута зголеми на 2:0. Во судиското надополнување капитенот на домашниот тим Жарко Симјаноски беше исклучен од игра поради црвен картон, па во вториот дел двете екипи влегоа со израмнети сили на теренот.

Реџепи во 53. минута постигна гол за 2:1, а пак Берзати во 65. минута израмни на 2:2 со што Камјани се врати во игра за трите бодови.

Во 73. минута Аврамовиќ со втор гол обезбеди нова предност од 3:2, а девет минути подоцна Берзати заработи втор жолт и беше исклучен од игра. До крајот Напредок ја сочува предноста и стигна до втора сезонска радост.

Денес играат Речица со лидерот Влазерими, Џепчишти ќе биде домаќин на Љуботен, а дербито го играат Зајази и Дрита.