Што е сработено во две години од Изборната програма за Штип? – препирки меѓу власта и опозицијата

Проектите на хартија сведочат за лагите и манипулациите на Иван Јорданов и ВМРО-ДПМНЕ, истакна денеска на прес-конференција претседателот на ОО СДСМ Штип, Јане Миланов. Посочи оти во Штип има само покачување на цените на јавните услуги, и тоа од 30%, па рекордни 110%.

„Историски најголемо зголемување а 110% на сметките за собирање смет, зголемување на цената за одржување на градското зеленило за десетпати, покачување на цената за паркирање во централното градско подрачје за 50%, покачување на данокот на промет за повеќе од 30%, распродажба на општинскиот недвижен имот преку продажба на деловен простор на јавните претпријатија“, истакна Јане Миланов, претседател на ОО СДСМ Штип.

Нема подземни контејнери, реконструкција на Бањата, подобри услови во Зоолошката, а роковите за овие проекти, според Изборната програма, се до 2022 или 2023 година, додава Миланов. Единствени проекти кои се реализирале во Штип, вели тој, се оние кои целосно се финансираат од централниот буџет.

„Нема огромен градски парк со езера, места за спортување и одмор кај Мирјанина црква, ниту е решена дивата депонија, а рокот беше до 2022 година. Не е продолжен булеварот „Партизанска“, а рокот беше до 2023 година. Не е реконструирана Бања „Кежовица“, а рокот беше до 2022 година“, додава Миланов.

Од Општина Штип, пак, не се согласуваат дека во Штип има проекти од централната власт, а за тоа, според нив, сведочат недостатокот на учебници и неизградениот клинички центар.

„Наместо да им објаснат на штипјани зошто нема учебници за учениците, подобри услови за студентите и пензионерите, нов клинички центар во Штип и лекови за болните, тие упорно со лаги и невистини се трудат да го оцрнат и тоа што е добро. Господа од СДС, поради Вашата неспособност, државата е со највисока инфлација во последните 25 години, па затоа сѐ повеќе наши сограѓани егзистенцијата ја бараат во странство. Општина Штип последните две години е сервис на граѓаните и затоа ние отчет ќе дадеме пред граѓаните, бидејќи единствено тие можат да дадат оцена кој колку сработил и кој какви резултати има.“ – одговорија од Општина Штип.

Ребека Спасова М-Нет