
Викендот беа одиграни натпреварите од 7. коло од Третата лига – Запад. Колото беше отворено вчера со два натпревари. Дрита на домашен терен со високи 4:0 славеше над Речица. Абдулахи погоди за 1:0, а до крајот на првиот дел Селими и Алили беа стрелци за 3:0 на полувреме.
Во вториот дел односно во 57. минута Бесарт Абази беше стрелец на четвртиот погодок за домашниот тим за конечните и убедливи 4:0.
Дуелот со десет погодоци меѓу Зајази и Љуботен му припадна на домаќинот кој со 6:4 беше подобар противник.
Во првиот дел паднаа пет гола за водство од 2:3 на Љуботен. Муртезани во 1. минута постигна гол за 1:0, а Петровски израмни на 1:1. Во 7. минута Цека постигна автогол за 2:1, а веќе во 9. минута голеадата продолжи со гол на Михајловски за 2:2. Во финишот на првиот дел Петровски постигна гол за пресврт и водство на Љуботен од 2:3.
На стартот од вториот дел Салиу израмни на 3:3, а пак Костадиноски постигна гол за ново водство на Љуботен од 3:4 во 52. минута. Три минути подоцна Османи постигна гол за 4:4, а веќе во 63. минута домаќинот го врати водството на 5:4 преку Хашими со гол од пенал. Десет минути подоцна Руфати ги постави конечните 6:4.
Љуботен од 61. минута беше со играч помалку откако Бојан Зафировски заработи втор жолт картон и беше исклучен од игра.
Денес убедлива победа забележа Џепчишти кој на домашен терен со 4:2 беше подобар од екипата на Камјани. Првиот дел заврши со израмнет резултат 2:2, па битката за трите бодови продолжи во вториот дел.
Ментор Саљиу беше двоен стрелец за домашниот тим, а пак по еднаш погодија Садики и Имери, кај гостинот Јусуфи и Садики беа стрелци.
Ланскиот шампион кој немаше среќа во баражот за Втора лига, лидерот Влазерими со 0:2 го доби тешкото гостување во Кичево против некогашниот прволигаш Напредок. Во 70. минута беше скршен отпорот на домашниот тим со голот на Мирлинд Ибраими, а една минута подоцна Алиу со втор жолт беше исклучен од игра со што гостинот беше со играч помалку. Во 79. минута и Симјаноски со втор жолт беше исклучен од игра, па така двете екипи беа израмнети на терен.
Во 81. минута резервистот Сејдуахмет Зендели постигна гол за конечни 0:2 и важна победа за Влазерими на патот кон нов бараж за Втора лига.