Вардарски го доби дербито со Овче Поле и изби на врвот, Ударник со „петарда“ за Рудар

фото: ФК Овче Поле

Денес беа одиграни натпреварите од 7. коло од Третата македонска фудбалска лига, а дербито на колото се играше во Богданци каде се соочија двата конкуренти за баражот кој води во Втора лига.

На Градскиот стадион во Богданци екипата на Вардарски забележа висока и убедлива победа од 3:0 за голема радост на домашната публика бидејќи нивниот миленик одново изби на врвот од третолигашката табела на Истокот.

По 1:0 на полувреме со голот на Стојанчо Наков, во вториот дел домаќинот постигна два гола за убедлива победа. Наков во 55. минута постигна втор гол за 2:0, а десет минути подоцна Димитар Јанев стави печат на победата од 3:0.

Ланскиот второлигаш Слога на домашниот терен во Виница со 2:0 го доби дуелот со Карбинци, натпревар кој беше решен во вториот дел, откако во првото полувреме мрежите мируваа.

Михаил Воинов во 64. минута погоди за водство од 1:0 на Слога, а шест минути подоцна Борис Јаќимовски беше стрелец на вториот гол за конечни 2:0 со што Слога изби на 4. место со осум бодови колку што има и Малеш и Рудар.

Дуелот во Дојран меѓу Дојранско Езеро и Тиверија заврши со минимална победа од 1:0 за домаќинот, откако во 86. минута Оливер Маринковиќ постигна гол за прогрес на Дојранско Езеро до 3. место.

Струмичани останаа со празни раце откако нивниот отпор беше скршен во финишот од мечот со што остануваат на дното од табелата со 4 бодови.