
Некогаш второлигаш Кораб од Дебар забележа нова висока победа, откако во Струга со 0:3 славеше над екипата на Влазними. Гостинот до победата стигна во вториот дел со погодоците на Трим Амбари, Ујкан Муча и Фатјон Леши.
Лирија на домашниот терен во Грнчари забележа висока победа од 4:0 над екипата на Јанг Тим. Реџепи беше стрелец на два погодоци, а по еден гол постигнаа Рустеми и Исмаили во убедливата победа на Лирија.
Демир Хисар го доби дуелот со Кравари на домашен терен каде славеше со резултат од 2:1. Димитар Дамчевски уште во 4. минута постигна гол за водство на Демир Хисар, а пак гостинот преку Владе Јанакиевски во 40. минута израмни на 1:1 на полувреме.
Во вториот дел искусниот голгетер Стефан Каревски во 53. минута постигна гол за ново водство од 2:1, а воедно и го постави конечниот резултат.
На теренот во Кукуречани се одигра дербито од дното на табелата меѓу новајлијата Светлост и Сатеска од Волино. Во дербито за бегство од долниот дел на табелата домаќинот со 3:2 беше подобар противник.
Дејан Милошевски во 15. минута постигна гол за водство на Сатеска од 0:1, а по шест минути игра Димитар Николоски постигна гол за 1:1. Пред крајот на првиот ден Костадин Силјаноски си постигна автогол за пресврт и водство на Светлост на полувреме од 2:1.
Во вториот дел Никола Секулоски постигна гол и го израмни резултат на 2:2 со што ја врати Сатеска во игра за целиот „плен“. Во финишот на натпреварот Менде Пачовски беше стрелец на гол вреден три бода и голема втора сезонска победа за Светлост. Ваквиот резултат направи промени на долниот дел од табелата. Сега Сатеска е последна со три бода, Влазними од четири бода е претпоследен, а пак Светлост со шест бода го дели шестото место со Јанг Тим.
Лидер со 19 бодови е Кораб кој силно атакува на баражот кој води во Втора лига.