
Дербито на Истокот се играше во Струмица каде Беласица и Детонит Плачковица одиграа реми без голови (0:0).
Дербито беше сиромашно од аспект на погодоци, а овој резултат можеби повеќе им одговара на струмичани, додека пак радовишани го посакуваа целиот плен. „Нулата“ за Детонит Плачковица значи и паѓање од второто на третото место на табелата, но останува во сериозна трка и борба за второто, но и првото место на табелата.
Гледачите на телевизија М Нет уживаа во два преноси од Втората лига, а во 10. коло имаа можност да го проследат соочувањето на Осогово и Кожуф меч на кој беа постигнати најмногу погодоци, голеадата од пет погодоци заврши со триумф од 3:2 за „жетварите“ кои најрпво излегоа од резултатската криза, се стабилизираа и прават прогрес кон средишниот дел од табелата.
Осогово имаше 2:0 предност на полувреме со двата гола на Лука Георгиев кој стрелаше во 5. и 31. минута. На стартот од вториот дел Спасе Терзиев си постигна автогол со што веќе Осогово имаше високи 3:0.
Гостинот од Гевгелија предводен од штипскиот стратег Трајче Сенев успеа да се врати во игра, откако со два брзи гола на Ќире Митков во 54. и 60. минута намали на 3:2 и ја врати неизвесноста за трите бодови во Кочани. До крајот Осогово мудро го чуваше резултатот, а Кожуф дома се враќа со празни раце.

Гледачите на телевизија М Нет уживаа во уште еден пренос на спортскиот канал М Нет Спорт каде може да го следат соочувањето на Башкими и Вардар Неготино, натпревар кој се одигра на теренот во Голема Речица во Тетово.
Хебиб Саити во 42. минута постигна гол за водство на Башкими од 1:0, а во судиското надополнување Ники Зумровски постигна гол за конечни 1:1.
Ваквиот резултат од оваа израмнето дерби можеби и беше реален исход и на двете екипи кои ги посакуваа трите бодови. Башкими сега го дели 5. место заедно со екипата на Тетекс со по 17 освоени бодови, а пак Вардар Неготино е во бараж зоната односно на 14. место со 9 бодови на своето конто.
