Голема победа за Новаци, Тетекс го доби дуелот со Скопје

Екипата на Новаци забележа голема победа во рамки на 10. коло од Втората македонска фудбалска лига, откако на домашен терен со 1:0 го доби дуелот со Каменица Саса.

За „рударите“ овој пораз беше голем иако резултатски не изгледа така бидејќи Саса сега е на дното од второлигашката табела со 6 бодови и ја очекува тешка борба за излез од опасната зона, но и борба воопшто за опстанок.

Стрелец на единствениот победник гол за Новаци беше Стефан Јовановски кој погоди во судиското надополнување на првото полувреме.

Новаци предводен од Дарко Крстевски е на 9. место на табелата со 13 бодови и има одлични резултати како повратник во Втората лига. За Саса денешниот пораз беше шести и се наоѓа на последното место на табелата.

Тетекс на домашен терен со 2:0 го доби дуелот со ланскиот прволигаш Скопје во меч кој беше важен и за двете екипи. „Штофарите“ го забележаа петтиот сезонски триумф и сега се на делба на 5. место со екипата на Башкими со по 17 бодови и имаат само три бода негатива во однос на третото место кое води во баражот за Прва лига и четири бода од второто место кое води директно во Прва лига.

Рихан Зеќири уште во 4. минута го отвори резултат за водство на Тетекс од 1:0 на полувреме. На стартот од вториот дел Кристијан Чурлинов постигна гол за водство од 2:0.

Во 65. минута капитенот Трајче Стојковски заработи втор жолт картон и беше исклучен од игра со што Тетекс до крајот играше со играч помалку, а „пиратите“ од Автокоманда не го искористија тој момент и дома се вратија поразени.