
Дербито на колото во рамки на десеттата рунда од Втората македонска фудбалска лига се одигра на „Билјанини Извори“ во директното соочување на Охрид и Пелистер мега-пресметка за трите бодови во битката за директен пласман во Првата македонска фудбалска лига.
Атмосферата на стадионот беше одлична – верните „Рибари“ даваа поддршка за Охрид, како и верните „Чкембари“ кои допатуваа од Битола да го бодрат Пелистер во дербито на колото.
Битолчани предводени од штипскиот стратег Влатко Костов стигнаа до посакуваните три бодови, откако на „Билјанини Извори“ со 1:3 беа подобри од Охрид и дома се враќаат со целиот „плен“. Пелистер сега се проби на втората позиција, откако Детонит Плачковица ремизираше во Струмица.
Охрид прв стигна до водство откако Оливер Дишлиевски во 24. минута постигна гол за 1:0. Тој гол му даде „храброст“ на домаќинот и започна со сериозен притисок и бараше втор гол. Сепак во судиското надополнување на првиот дел Симеон Христов постигна гол за 1:1 на полувреме.
Во вториот дел Давид Јошески постигна гол за пресврт и водство на Пелистер од 1:2 во 58. минута. Натпреварот потоа беше во мал прекин, поради густата „магла“ од пиротехничките средства на верните „Чкембари“.

Охрид во 73. минута остана со играч помалку на теренот откако Филип Ѓоргоски заработи втор жолт картон со што Охриѓани продолжија со играч помалку на теренот.
Во судиското надополнување Пелистер стигна до конечните 1:3 откако Самед Кадриоски си даде автогол.
Во официјалниот записник од натпреварот е наведено дека ќе следува дополнителен извештај од главниот судија, поради влегување на службени лица во теренот по завршувањето на натпреварот.
Лидерот Беса со 2:0 го доби локалното дерби со екипата на Арсими и со тоа се зацврстува на врвот од табелата во Втората македонска фудбалска лига.
Првиот дел од натпреварот одигра на теренот во Врапчиште заврши со чисти мрежи (0:0). Во вториот дел Јасмин Мециновиќ во 69. минута постигна гол за водство од 1:0 за домашниот тим. Само две минути подоцна Албан Таипи постигна гол за конечни 2:0.
Победа ги разочара одново навивачите откако на домашен терен загуби од Караорман со резултат од 1:2. Ваквиот резултат е повеќе од важен за струшкиот второлигаш кој сега прави прогрес од едно место на табелата, па така Караорман од последен стана претпоследен.
Враќањето на Благоја Бајчески на тренерското столче за Караорман е полн погодок, откако стружани успешно стигнаа до второто сезонско славје.
Уште во 7. минута Мурат Адили постигна гол за водство на Караорман резултат со кој се замина и на полувреме. Во вториот дел Филип Стомнароски во 56. минута постигна гол за 1:1, но само две минути подоцна Фикри Дани даде гол за конечни 1:2 и голема и важна победа на Караорман.