
Детонит Плачковица ја продолжува одличната игра и после репрезентативната пауза, радовишани напаѓаат за историски пласман во фудбалската „елита“ на Македонија.
Вчера момците на Иван Варадиновски стигнаа до шестиот сезонски триумф откако Осогово беше поразен со убедливи 3:0 во Радовиш, а со тоа Детонит Плачковица се проби до второто место на табелата и има само три бода помалку од лидерот Беса.
Тренерот на Детонит Плачковица, Иван Варадиновски за телевизија М Нет вели дека иако според резултатот изгледа лесна и убедлива победата, сепак Осогово одиграл доста солидно во текот на целиот натпревар.
„Честитки до моите играчи за победата која според резултатот изгледа лесна и убедлива, но морам да кажам дека случувањата на теренот беа поразлични и младата екипа на Осогово изгледаше доста солидно во текот на целиот натпревар“, ни изјави Варадиновски.
Детонит Плачковица во следното коло ќе гостува во Струмица кај Беласица во рамки на 10. коло од Втората македонска фудбалска лига.