Кои се приоритетни проекти за граѓаните во Кочани, предлози за креирање на Буџетот за 2024 година

Реализација на инфраструктурни проекти: водоводна, атмосферска и фекална канализација, општински патишта и улици, јавно осветлување беа само дел од предлозите кои граѓаните ги посочија на средбата за креирање на Буџетот на Општина Кочани за 2024 година. Делот од инфраструктурата е најпроблематичен за граѓаните во Кочани и сметаат дека треба да се најде на листата на приоритетни проекти кои треба да се реализираат наредната година. На листата предлози се најдоа и активности од областа на културата, противпожарната заштита и од други надлежности на единицата на локалната самоуправа определени со закон. Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов го истакна значењето на граѓанската партиципативност при креирање на Буџетот за следната година и изрази благодарност за соработката.

„Ќе водиме белешки, записник во кој ќе влезат сите ваши предлози и кои ќе бидат ставени на една приоритетна листа и вклопени во сите програми кои се обврзани како општинска администрација да ги реализираме. Сакам да ве охрабрам пред се, претпоставувам дека најмногу предлози ќе има во делот на инфраструктурата и решавањето на урбаните проблеми на теритроија на Општина Кочани кои секако ќе бидат приоритет и ќе потрошат најмногу средства од општинскиот Буџет за 2024 година“ – вели Папазов.

Граѓаните своите писмени предлози можат да ги достават и во електронска форма на е-адресата или преку Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани, до 20 октомври, бидејќи до 15 ноември треба да се донесе Буџетот за наредната година.

На консултативната средба присуствуваа граѓани, претставници на урбаните и месните заедници, членови на Советот на Општина Кочани, претставници на бизнис-секторот. Целта на ваквите средби е граѓаните да учествуваат во креирањето на Буџетот на Општина Кочани и со тоа да се реагира на приоритетите на граѓаните.

Лаура Стојанова М-Нет