Капиталните проекти и вложувањето во Штип тема за препирки меѓу Власта и опозицијата

Најголем инвеститор во Штип е централната власт во време кога градот е воден од најнеспособниот градоначалник, истакнаа денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Од таму посочија дека најголемите проекти во Штип се реализирани благодарение на централната власт додавајќи дека во периодот кој следи ќе се продолжи со капитални инвестиции. Пример за тоа како што е велат е продолжување на проектот за изградба на конзоли на река Отиња.

„Доказ за тоа се досега реализираните капитални проекти преку кој градоначалникот Јорданов манипулира со јавноста и ја извртува вистината во негов препознатлив стил преставувајќи ги како свои. За потсетување во изминатиот период Централната Власт инвестираше над 160 илјади денари на територија на Општина Штип во повеќе инфраструктурни проекти. И не застануваме овде. Следно кое го започнуваме како капитален проект со средства од Министерството за транспорт и врски е продолжување на проектот за изградба на конзоли на улицата Маршал Тито по течението на река Отиња до плоштадот Слобода. Се работи за средства од 5 милиони денари“ – вели Стојчевски.

Отчетност после две години на Власт ќе даваме само пред граѓаните – вратија од Општина Штип. Во соопштението стои дека и покрај опструкциите од централната власт сепак реализацијата на проектите продолжува.

„Општина Штип пред две години склучи коалиција со граѓаните и се обврзавме заедно да ги создадеме промените и да градиме нова иднина. По две години откако граѓаните во Општина Штип ни ја дадоа довербата единствено чувствуваме потреба да сме транспарентни и отчетни кон нив и нема да влегуваме во полемизација со политички партии кои се пред згаснување заради катастрофални централни и локални политики. Граѓаните се сведоци дека покрај сите опструкции кои ги имаме од Централната власт продолжуваме и понатаму со реализација на проектите. Коалицијата која ја имаме склучено со штипјани нема да ја изневериме бидејќи нашата крајна цел е подобар живот на сите граѓани“ – стои во писменото соопштение од Општина Штип.

Лаура Стојанова М-Нет