Милевски: Горд сум на играчите – успеавме да се наметнеме, за жал не успеавме да дојдеме до гол!

Македонија го загуби клучниот натпревар од квалификациите за Европското првенство против Украина со 2:0.

На средбата со медиумите по натпреварот со Украина на прес-конференција се обрати селекторот Благоја Милевски, кој даде своја анализа.

„Мислам дека сите уживаа во фудбалот кој го гледаа, и Украина и Македонија покажаа добра игра. Честитки за Украина за победата, но горд сум на моите играчи. Реакцијата по несреќно примениот гол ни беше одлична. Успеавме да се наметнеме, за жал не успеавме да дојдеме до гол и кога нема да ги искористиш шансите, поразот е неминовен.

Секогаш кога започнувате натпревар имате повеќе планови. Јас имам план Б и Ц. Против нас имавме одличен ривал и првичниот план не функционираше. Примивме несреќен гол, по кој следуваше спонтана реакција на моите фудбалери и не можам да не бидам задоволен. Направивме неколку одлични шанси уште во првиот дел. Разочаран сум само од резултатот. Нема каква фудбалска поука да извлечеме од овој дуел, бидејќи одигравме солидно. Ни остануваат дуелите со главните фаворити, па нам ни останува да се надигруваме до крајот на циклусот“, изјави Милевски.