
Фудбалската репрезентација на Македонија повторно е во игра за пласман на Европското првенство откако во септемврискиот прозор ремизираше со Италија играјќи 1:1 и победи против Малта со 2:0.
Но, за нашите “рисови” да останат во борба за второто место кое носи пласман на ЕП ќе мора Македонија да забележи победа над Украина, денес од 15 часот во вториот меѓусебен дуел кој се игра на неутрален терен односно на “Епет Арената” во Прага, Чешка, каде телевизија М Нет има своја екипа.
Во Скопје нашата репрезентација одигра одлично прво полувреме, водевме со 2:0, но во вториот дел “паднавме” и примивме три гола за конечни 2:3, па на Украинците им подаривме три бода.
Украина за денешниот меч против Македонија ќе биде без двајцата првотимци – Андреј Јармоленко и Виктор Циганков, кои поради повреди не се во составот, но тоа не треба да не опушта.
Селекторот Благоја Милевски направи промени во составот и за мечот со Украина не повика тројца играчи односно напаѓачите Илија Несторовски и Дориан Бабунски, како и дефанзивецот Дарко Велковски.
Сега се вратија Дарко Чурлинов од Барнли, како и десниот бек Тодор Тодороски од ЗТЕ од Унгарија.
Одбраната ќе се потпира на Висар Муслиу, Ѓоко Зајков е во “аут” поради повреда, младиот Јован Манев е во одлична форма, а против Малта постигна и деби гол.
Натпреварот е важен и за двете селекции – победа е опција и за Украина и за Македонија.
Во нашата група Ц на првото место е Англија, на делба на второто место со по 7 бодови се Италија, Украина и Македонија, а на дното односно на 5. место е Малта без бодови.