КУП: Брегалница и Воска лесно до следна фаза, Јанг Тим со изненадување!

Денес беа одиграни натпреварите од 1/16-финалето од фудбалскиот Куп на Македонија. Гледачите на телевизија М Нет имаа одново можност да проследат два натпревари во живо.

На телевизија М Нет во живо беше пренесуван натпреварот меѓу Новаци и Брегалница во натпревар каде штипскиот прволигаш забележа висока и убедлива победа против второлигашката екипа со резултат од 0:8.

На полувреме водството за Брегалница беше 0:4 со двата гола на Роналдо, и по еден гол на Валерии Степаненко и Давид Калпачки. Во вториот дел Иван Глигоров постигна хет-трик, а еден гол постигна и Даријан Тасев за конечни 0:8.

Висока и убедлива победа забележа и Воска Спорт на гостување кај Карбинци од 0:10, натпревар кој исто така гледачите на телевизија М Нет го следа во живо преку спортскиот канал М Нет Спорт.

Сикиру постигна хет-трик, двоен стрелец беше Шабани, а по еден гол постигнаа Стојчевски, Хајдари, Исени, Рамадани и Рашид.

Пелистер го доби дуелот со третолигашот Влазерими Ј 1977 со резултат од 0:4. На полувреме битолскиот второлигаш имаше водство од 0:2 со головите на Давид Јошески и Благој Љамчевски, а во второто полувреме Размоски и Христов погодија за конечни 0:4.

Тиквеш преку Арсими до следна фаза во Купот на Македонија откако во Голема Речица славеше со 1:2. Прволигашот во првиот дел стигна до водство од 0:2 со головите на Ивановски и Михаилов, а во вторито дел Гафури ублажи на конечни 1:2.

Брера Струмица преку Кожуф оди во следна фаза од Купот, откако струмичкиот прволигаш со головите на Донов и Ристевски обезбеди победа од 0:2.

Работнички лесно стигна до следна фаза откако со 0:3 славеше над Тетекс со головите на Мазари, Гандо и Стојановски.

Охрид со 2:0 го доби Детонит Плачковица и ќе игра во следната фаза од Купот на Македонија, откако на домашен терен со головите на Нически и Стојановски беше подобар противник во однос на радовишани.

Третолигашот направи изненадување и ја исфрли Победа од Купот уште во првото коло, откако двете екипи одиграа 0:0 во регуларниот дел, а во пенал-рулетот Јанг Тим славеше со 4:3. Јанг Тим е единствениот третолигаш кој оди во следна фаза од Купот на Македонија.

Башкими и Скопје ремизираа играјќи 1:1, но во пенал-рулетот беше кобен за ланскиот прволигаш од Автокоманда. Дани погоди во 24. минута за 0:1, а Ќаили во 96. минута израмни на 1:1. Во пенал рулетот со 4:3 Башкими обезбеди следна фаза.

Беласица и Гостивар одиграа 0:0 во регуларниот дел, а во пенал-рулетот прволигашот беше подобар со 0:3 и обезбеди следна фаза.

Вардар преку пенали до следна фаза од Купот, откако во регуларниот дел одигра 1:1 со Беса во Врапчиште. Милосавич во 32. минута постигна гол за 0:1, а две минути подоцна Алими погоди за 1:1. Во пенал серијата Вардар беше подобар со 4:5.

Шкупи го торпедираше третолигашот БВК Коњаре со убедливи 0:8, со трите гола на Соарес, двата гола на Хоџиќ, како и погодоците на Ацковски и Воша, а пак Аџами си постигна автогол.