
Штипската клиничка болница очекува позитивно мислење од Финансии за вработување на триесетина здравствени работници. По вработувањето на 16 лица пред еден месец, кога беше распишан првиот оглас, испратено е и ново барање во кое се содржи потребата на Болницата од лекари, медицински сестри, болничари, хигиеничари и слично.
„Како што знаете, ние во текот на месец август реализиравме 16 вработувања. Веднаш потоа, како што најавив, упативме нови барања, имаме барања и за доктори, за медицински сестри, за физиотерапевти, болничари, хигиеничари итн. Тоа е една бројка од 20 – 30 луѓе коишто ги бараме, искрено, се надевам дека ќе успееме да добиеме позитивно мислење од Министерството за финансии и тие вработувања да ги реализираме до крајот на годината“, истакна Ален Георгијев, директор на Клиничка болница – Штип.
Директорот Георгијев посочи дека е завршен и еден процес на специјализации и супспецијализации. Шестмина од докторите ќе ја чекаат 2024 година за ова, а оние кои веќе завршиле има специјализации на ендокринологија и педијатрија, но повеќето се супспецијализации во повеќе медицински гранки, како аудиологија, неврофизиологија, ендокринологија, урологија и слично.
„Завршивме еден процес на специјализации и супспецијализации, имаме неколку доктори што добија специјализации и дел добија специјализации. Веќе во текот на утрешниот ден ќе бидат предадени нивните имиња согласно со Одлуката на Управниот одбор ќе бидат однесени во деканатите на соодветните медицински факултети и се надевам дека веќе од октомври ќе им бидат изготвени решенијата и првата група на лекари ќе тргнат со специјализации и супспецијализации. Имаме предвидено и за 2024 година“, додава Георгијев.
Штипската клиничка болница на почетокот на годинава имаше недостаток од околу 100 вработени, а вработувањето пред еден месец се случи по три години, а по исто толкав временски период и млади лекари добија специјализации. Георгијев посочува дека потребните специјализации се во петгодишниот план на Болницата.
Ребека Спасова М-Нет