Со 10 милиони денари штипската Болница набави нови апарати, магнетната ќе се поправи со 100.000 евра

Со 10 милиони денари штипската Клиничка болница ќе се екипира со нови апарати. Големата набавка е завршена, првите апарати пристигнуваат, а поголем дел од нив ќе пристигнат следниот месец. Директорот, Ален Георгијев, посочува дека не треба да се вложува само во кадар, а набавените апарати се значајни за работата на Клиничката болница.

„Во наредниот месец ќе се гледаме интензивно, бидејќи веќе ќе почнат да пристигнуваат апаратите. Не се вложува само во кадар, мора да вложуваме и во опрема. Летово заврши големата набавка за медицинска апаратура, којашто ќе ја набавиме со сопствени средства, чини 10 милиони денари и веќе почнаа да пристигнуваат првите апарати, така што во текот на овој месец ќе се гледаме многу почесто. Ќе добиеме апарат за оптичка томографија во Одделот за очни болести, ќе добиеме апарат за анестезија за Одделот за анестезија, инструменти за Одделот за хирургија“, рече Георгијев.

Но сѐ уште не работи магнетната резонанца. За поправка се потребни повеќе од 100.000 евра, за кои Георгијев вели дека треба да се најде начин да се обезбедат. Одлуката ќе помине на Управен одбор и потоа ќе се почне процедурата.

„Во моментот сѐ уште не работи магнетната резонанца, бидејќи пред неколку дена, конечно, ја добивме понудата за тоа колку ќе нѐ чини. Во тоа е ставен и компјутерот, бидејќи и таму има неколку ситни дефекти коишто треба да се отклонат. Се работи за сериозна сума од над 100.000 евра. Ние ќе најдеме начин и средства како да го санираме тоа. Деновиве треба да помине на УО како нова набавка, ќе ја распишеме набавката и ќе ја почнеме процедурата“, додава Георгијев.

Магнетната резонанца не е во функција неколку месеца. Специфичната апаратура која ја има во КБ Штип, односно компјутерска томографија, магнетна резонанца и ангиограф, е многу скапа, а минатиот декември за поправка на овие три апарати Болницата плати над дваесет милиони денари.

Ребека Спасова М-Нет