Ужасен меч на Караорман – доби „шестка“ од Арсими, нов дебакл на Осогово, Вардар Неготино го доби Скопје

Караорман доживеа голем пораз на домашен терен откако со високи 0:6 беше во целост декласиран од Арсими. Стружани го запишаа најголемиот пораз за овие пет кола примајќи шест гола од гостинот од Чегране.

Караорман се соочува со сериозни проблеми и сезонава повеќе од тешко ќе биде обезбедувањето на второлигашкиот статус и за следната сезона.

Истрефи беше немоќен на мрежата на Караорман, а одбраната се распаѓаше како „кула од карти“, стружани беа инфериорни во однос на гостите кои беа далеку подобар противник и повеќе од јасно беше дека денес трите бодови ќе заминат во Чегране.

Караорман имаше сили за едно полувреме, бидејќи во вториот дел тимот буквално немаше сили да го запре налетот на расположениот противник.

Илбер Бекири уште во 9. минута погоди за водство на Арсими од 0:1, а на две минути пред крајот Ајран Цуцули беше стрелец на гол за 0:2 на полувреме.

Во вториот дел Истрефи капитулираше два пати во три минути, откако Шпенд Асани во 50. минута погоди за 0:3, а Ерион Шуку во 53. минута за 0:4. Потоа следуваа нови два брзи гола, откако Арѓент Гафури два пати стрелаше во 79. и 85. минута за конечни 0:6.

Осогово доживеа нов дебакл и продолжува со катастрофалните игри, откако „жетварите“ и денес беа поразени со високи 0:3 од Охрид на домашен терен.

Повратникот до Втората лига никако да го пронајде патот до први бодови и од прв позитивен резултат, кочанскиот второлигаш е единствениот во лигата кој нема бод и позитивен резултат, односно пет последователни порази, а тоа е доволен знак дека во Кочани мора да се вклучи црвениот аларм ако сакаат позитивни резултати, нормално, да не биде доцна кога ќе се соочат со тешката и невозможна мисија за опстанок во Втората лига.

Домашната одбрана брзо се „распадна“, откако Охрид по 20 минути игра имаше два гола предност. Хусеин Демири во 7. минута погоди за 0:1, а во 19. минута Оливер Дишлиевски беше стрелец за водство од 0:2 на полувреме.

Во вториот дел Емил Скоко беше стрелец за високи и конечни 0:3. За Охрид оваа беше второ славје и на своето конто сега има седум бодови.

За Александар Толески оваа беше деби-победа, кој го водеше тимот на натпреварот во Кочани, по оставката на Пепи Џигероски во претходото коло.

Вардар Неготино го забележа вториот сезонски триумф или втор во низа, откако на домашен терен со 2:0 славеше над ланскиот второлигаш Скопје.

Новиот тренер Горан Тодорчев тргна со победа откако неговите избраници денес забележаа важен триумф над „пиратите“ од Автокоманда. По почетните лоши резултати тренерската промена кај Вардар Неготино влијаеше позитивно на резултатите и тимот веќе се стабилизираше.

Во првиот дел мрежите во Неготино мируваа, а во вториот дел Вардар стигна до посакуваните три бодови. Дарко Мојсовски во 60. минута погоди за 1:0, а пак Ристе Лембовски во 83. минута ги постави конечни 2:0.