Куманово со голема победа над ланскиот второлигаш Пехчево Скопје ја започна новата сезона

Амбициозниот третолигаш Куманово со висока победа од 0:3 над ланскиот второлигаш Пехчево Скопје ја започна новата сезона од Третата македонска фудбалска лига – Север.

Новата сезона беше отворена со воведниот меч помеѓу овие две екипи, а ќе биде комплетирано утре со останатите шест натпревари.

Екипата предводена од тренерот Даниел Стојановски имаше одлични припреми, а на стартот од новата сезона тоа се потврди со високата победа.

Резултатот бшеше отворен со голот на Леонид Филиповски постигнат во 7. минута од натпреварот, а пак Бујар Иљази во 34. минута стрелаше за високи 0:2. Пет минути подоцна Андреј Јовановски од белата точка ги постави конечните 0:3.

Утре Беса Влазрими на домашен терен ќе игра со Фортуна, Кадино ќе го пречека тимот на ССК Нова, Башкими Љуботен ќе се соочи со Риниа, Петровец ќе биде домаќин на новиот третолигаш Бутел, Аеродром ќе игра со БВК Коњаре, а пак гледачите на телевизија М Нет ќе имаат можност да го проследат во живо дербито на повратниците Шкендија Арачиново и некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ, пренос кој ќе започне во 16 часот.