
Дуелот на повратниците во Втората лига меѓу Новаци и Башкими заврши со минимален триумф за домашниот тим од 1:0. Натпревар кој гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал М Нет Спорт можеа да го проследат во живо.
Новаци влезе во ритам и забележа трето славје по пет одиграни натпревари, па ако првичните амбиции беа сигурен опстанок, Новаци веќе може да планира и повисок пласман за тековната сезона.
Новаци се врати на домашниот терен откако претходните домашни натпревари ги играше во Битола, сега со поддршка од домашната публика и навивачите, Новаци стигна до третото славје, а единствен стрелец во победата над Башкими од Куманово беше Бобан Тасевски кој во 39. минута постигна гол за конечни 1:0.
Дербито на некогашните прволигаши Беласица и Победа заврши со триумф од 3:1 за струмичани кои стигнаа до трето славје и имаат девет бодови на своето конто.
Почетните два порази го вклучија црвениот аларм во Струмица со што струмичката гордост влезе во победнички ритам од три последователни победи.
Беласица беше подобар противник и силно ја посакуваше победата од самиот старт. Благој Стојанов ја израдува струмичката публика по пет минути игра откако погоди за 1:0, а пред крајот на првиот дел Александар Милушев беше стрелец на голот за 2:0 на полувреме.
Во вториот дел Победа влезе со два гола негатива и сакаше гол за да се врати во игра барем за бод, но двата гола предност Беласица лесно ги претвори во убедливо водство од 3:0, откако Тони Мичковски беше стрелец на гол за високи 3:0 во 82. минута. Пет минути подоцна Амил Табаковиќ погоди за конечни 3:1.
Во Македонска Каменица се одигра дерби натпревар меѓу Каменица Саса и Тетекс натпревар кој беше важен и за двете екипи, а исходот беше пораз за „рударите“ од „штофарите“ со резултат од 1:2.
Во првиот дел мрежите мируваа, а вториот дел понуди три гола. Мустафа Јусуф беше стрелец на гол за водство на Тетекс од 0:1 во 56. минута, а само четири минути подоцна Герасимовски по втор пат капитулираше, откако новото засилување Марио Станковски на своето деби за старо-новиот клуб погоди за
0:2.
„Рударите“ се обидуваа да дојдат до брз гол и да се вратат во игра за посакуваниот бод, но тоа се случи предоцна откако Филип Николовски во 90. минута постигна гол за конечни 1:2.