Перформанс со живи статуи утре во Штип ќе го отвори Фестивалот за деца „Малиот принц“

Со перформанс со живи статуи, утре, во 19:00 часот, пред Платото на штипскиот Дом на култура ќе се отвори Театарскиот фестивал за деца и млади „Малиот принц“. Претставите започнуваат од понеделник и ќе траат во текот на целата недела. Во понеделник ќе може да се погледне еколошка претстава за деца „Пет и Еко“, која ќе започне од 18:00 часот, а во која преку дејство и весели песнички, петте главни јунаци ќе укажат на грешките во секојдневието со кои се загадува животната средина. Кумановскиот театар, пак, во вторник ќе се претстави со претствата „Црвенкапа“, која е со почеток во 18:00 часот. Во среда, на сцената ќе може да се види и претставата која е во продукција на штипскиот Дом на култура, „Ајварко, Кифи и мистер Хамбургер“, со почеток во 20:00 часот, а во четврток скопскиот Театар Хит со почеток во 18:00 часот ќе ја одигра претставата „Во домот на волшебникот“.

„Традиционално го одржуваме и Фестивалот за деца „Малиот принц“ којшто е 11. по ред. Ќе се претстават шест театарски претстави и еден театарски перформанс којшто ќе биде пред Платото, како и минатата година, но годинава со збогатена програма“, вели директорот Трајков.

Сите претстави од репертоарот ќе се реализираат на големата сцена во Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип. Билетите за претставите ќе се продаваат по цена од 100 денари.

Ребека Спасова М-Нет