
Лицата со дијабетес девет месеца се без глукомери и ленти за редовна контрола на шеќерот во крвта, а нема ни сензори за деца. Сојузот на дијабетичари вчера поднесе електронска претставка до Народниот правобранител, а во понеделник тоа ќе го сторат и писмено. Иако одамна беше најавено дека во аптеките ќе ги има сите потребни медицински средства за болните од дијабетес, тие и понатаму се соочуваат со проблемот на недостаток, па спасот сега го бараат кај Народниот правобранител.
„Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија по игнорантскиот однос од Министерството за здравство, од кое за поднесената претставка немаме никаков одговор, ниту информација што се случува, а тоа е сериозен документ и отпочнување на правна постапка. Сега го следиме вториот чекор, а тоа е обраќањето до Народниот правобранител. Очекуваме дека ќе ги провери состојбите до каде е набавката и достапноста до медицинското помагало ленти и глукомери за лицата со дијабетес за 40.000 луѓе и за децата со тип 1 сензори, односно системи за континуирано мерење гликемија. Тие требаше до сега да стигнат“, вели Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари.
По средбата со Министерот за здравство, кога протестираа, вели Велев, немаат никаква комуникација со Министерството за здравство. Од таа причина, додава тој, приморани се правдата да ја бараат преку правни механизми, односно надежта им е во Народниот правобранител.
„Немаме никаква комуникација иако ја бараме јавно и преку мејл за да седнеме да се договориме што и како ќе следи за сето тоа да се изменаџира, особено за овие девет месеца што на европско ниво се нема случено никаде. Затоа апелираме Народниот правобранител да постапува итно од понеделник, кога ќе ја доставиме и писмено претставката“, додава Велев.
Дијагнозата дијабетес, поради која се на инсулинска терапија, ја имаат околу 44 илјади пациенти, кои воедно и се засегнати со проблемот на недостаток на глукомери и ленти.
Ребека Спасова М-Нет