
Заловените крлежи во штипскиот и велешкиот регион не се носители на конго-кримска хеморагична треска, но такви има во скопскиот регион, велат од Комисијата за заразни болести по вонредната акција што ја спроведоа откако се појавија два случаи на заболени со овој вирус во земјава. Од Комисијата порачуваат дека нема место за паника, но луѓето да бидат внимателни кога се движат во природа.
„Првично заловените крлежи од штипскиот и од велешкиот регион се тестирани и кај нив не е откриен вирус на Конго-кримска хеморагична треска. Вирус е откриен кај крлежи од скопскиот регион. Овие резултати треба да се сумираат до крајот на неделава, по што ќе се планираат и соодветни мерки. Пристигнуваат пациенти со симптоми кои се слични како оние за конго-кримска хеморагична треска, но немаат каснување од крлежи. Дури откако ќе ги завршиме потребните анализи и разговори со пациентот ќе добиеме информација дека лицето било каснато од крлежи пред две или три години. Касно започнување на симптоми е можно, но типично симптомите се јавуваат 5-7 дена од каснувањето на крлежот.“ – велат од КЗЗБ.
Од Комисијата за заразни болести велат дека за да се олесни работата на инфектолозите при одредувањето на дијагнозата, добро е пациентите да потсетат кога и дали некогаш биле каснати од крлеж.
На крајот на јули беше регистриран првиот случај со конго-кримска хеморагична треска во земјава, кај 27-годишна жена од штипско. Таа се лекуваше на скопската Инфективна клиника, но по неколку дена почина. Во процесот на лекување, од неа се зарази болничарка на Клиниката, чија состојба беше стабилна, а потоа се појави и трет случај кај рибар од Велес кој исто така беше каснат од крлеж. Двајцата пациенти оздравеа и се во добра здравствена состојба.
На опасноста да се заразат со конго-кримска хеморагична треска, најизложени се риболовците, ловџиите и сточарите, како и здравствените работници поради контакт со телесните секрети од заразените, посочи и претходно директорката на скопската Инфективна. Се препорачува во природа луѓето да бидат внимателни и заштитени, но и да имаат предвид дека не секој крлеж е заразен.
Ребека Спасова М-Нет