Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Штип прослави 33 години постоење

ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Штип вчеравечер го прослави својот 33. роденден. Со пригодна свеченост, ОК го одбележа 30 август, денот кога во 1990 година бил формиран. Претседателот, Душко Иванов, посочи дека политичката партија опстојува повеќе од 30 години, а Општинскиот комитет во Штип е основан уште од кога Македонија е суверена, самостојна и демократска држава.

„Оттогаш, па сѐ до денес, ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија којашто опстојува на политичкиот простор во Република Македонија и во неколку мандати имала чест да ја води, како Локалната самоуправа, така и Република Македонија. И тоа се секогаш биле периоди во коишто Република Македонија и народот ги почувствувале вистинските бенефити како треба да се води една држава и една Локална самоуправа. Тоа е период во кој ниту еднаш не бил доведен во прашање идентитетот на македонскиот народ“, истакна Душко Иванов, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Штип.

Сегашниот градоначалник на Општина Штип, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а кој претходно беше претседател на Општинскиот комитет, Иван Јорданов, посочи дека постоење од 33 години е привилегија, но и голема обврска.

„Секогаш кога зборувам за ВМРО, мислам на Македонија. ВМРО и Македонија се чест и привилегија, но и обврска да се докажеме и покажеме дека заслужуваат подобри времиња, подобра иднина, а ние како припадници на оваа држава, на оваа политичка партија, имаме обврска да покажеме и докажеме дека сме најдобри во тоа што го работиме“, истакна Иван Јорданов.

На свеченоста присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој од говорницата потенцираше дека следуваат месеци полни со предизвици, за кои ја побара поддршката од народот.

„Ќе поминат уште неколку месеци и тие неколку месеци нема да бидат лесни, ќе бидат месеци полни со предизвици, месеци кога на ВМРО-ДПМНЕ како никогаш досега му потребна поддршката од народот и силата од народот. Јас сум убеден дека овде во Штип ВМРО-ДПМНЕ ја има поддршката на народот и кога ве гледам во толкав број како го славиме овој 33. роденден, дополнително за мене како претседател на ВМРО-ДПМНЕ претставува мотив да истраеме, да издржиме и заедно со вас, за неколку месеци од денеска на парламентарните избори да ја запечатиме оваа историја и да победиме со мнозинство во македонскиот Парламент“, истакна Мицкоски.

Свеченоста се одржа во Домот на млади во Штип, а на истата присуствуваа членови, поддржувачи и симпатизери на политичката партија.

Ребека Спасова М-Нет