
Со свечена седница, манифестација во центарот на градот, Пробиштип одбележа 68 години постоење, а се одбележа и денот на рударите. На настаните присуствуваше и Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој истакна дека Пробиштип како рударски град заслужува да биде поддржан во секој поглед.
„Исклучително е важно што постои добра соработка помеѓу Општината и рудникот, или генерално стопанството во општината. Пробиштип како рударски град навистина заслужува да биде поддржан во секој поглед, меѓутоа најмногу да бидат поддржани рударите, да бидат поддржани работниците. Тоа е основно мото на нас како Влада која како иделогија ја има поддршаката на работниците, граѓаните, земјоделците, оние кои најмногу им е потребна таа помош. Како Владата стоиме на располагање за граѓаните на Пробиштип за секој еден проект од интерес на граѓаните. Им честитам на сите рудари затоа што со својата посеветена работа придонесуваат за развој на општината и државата”, рече министерот Спасовски.
Спасовски во Пробиштип беше на покана на градоначалникот Анастасов. Пред присутните граѓани во центарот на градот посочи дека задовослтво е да се биде гостин во општина која постојано се грижи и придонесува за своите граѓани.
„Секогаш е задоволство да се биде гостин во Општина која ниже успеси, којашто се развива низ проекти кои се од интерес за граѓаните и која од година во година може да покаже дека е понапред од претходната година. Слободно можам да кажам дека Пробиштип стана препознатлива како општина која е многу понапред од другите општини, не само во регионот туку и пошироко, и сметам дека е една од општините која интересот на граѓаните го става пред се’ и затоа секојдневно се борат за проекти за финансирање на активности и се’ она што е потребно за развој на градот, за зголемување на квалитетот на живот. Едноставно локална самоуправа која се бори за секој еден граѓанин”, истакна министерот Спасовски во своето обраќање.
Општина Пробиштип одбележа 68 години постоење, го прослави денот на рударите како и празникот Успение на Пресвета Богородица.
Лаура Стојанова М-Нет