
Голем број хумани граѓани се јавија на крводарителската акција инцирана од штипскиот Оддел за трансфузиологија, а организирана во компанијата ЕАМ. Трансфузиологот Мери Шорова посочи дека акцијата, која траеше од 9 до 14 часот, се реализираше во најдобар ред. Посочува дека потребата крв е постојана и затоа апелираше на хуманост од страна на граѓани и приватни компании по примерот на оваа.
„На наша иницијатива, повикот за крводарителска акција во просториите на ЕАМ беше прифатен веднаш од страна на Александар Патраклиски. Крводарителската акција се одвива во најдобар ред, имаме доста дарители уште во утринските часови и се надевам дека ова ќе биде поттик и за другите приватни компании во нашиот град да учествуваат во една ваква хумана мисија, а тоа е крводарувањето. Секогаш велиме дека крвта треба да ги чека пациентите, а не пациентите да ја чекаат крвта, затоа, еве, еден апел до сите компании во град Штип и хумани граѓани – да даруваат крв и да спасат нечиј човечки живот“, истакна трансфузилогот Мери Шорова.
Некои од граѓаните кои денеска даруваа крв се повеќекратни дарители, други, пак, на овој чекор се одлучиле првпат. Меѓутоа, и двете групи ги води истата цел – да спасат нечиј живот. Од Црвениот крст и претходно посочија дека летниот период ја зголеми потребата од крвни единици и од таа причина истите се одржуваат почесто во текот на овој период.
Денешната акција и бројот на крводарители во голема мера ги задоволија потребите на штипска Трансфузиологија, меѓутоа апелот останува ист.
Ребека Спасова М-Нет